Скопје

Автобусите на ЈСП се вратија на скопските улици

22.11.2024 10:17

Автобусите на ЈСП се вратија на скопските улици. Со владина одлука, нафта за седум дена е обезбедена од државните резерви…

Од Јавното сообраќајно претпријатие-Скопје велат дека автобусите се вратија на скопските улици. Со владината одлука, нафта за седум дена на претпријатието му е позајмено од државните резерви.

Директорот на ЈСП, Драги Кушовски синоќа потврди дека нафтата пристигнува во базните станици на претпријатието во Автокоманда и Ѓорче Петров и оти во текот на ноќта резервоарите на автобусите ќе бидат наполнети.

За денеска, пак, во 14 часот се најавени протести поради состојбата со превозот во градот. Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, ги повика сите жители на протест, а со барање за нормализирање на јавниот превоз излегоа и студентите од УКИМ кои ќе се приклучат на протестот што ќе се одржи пред бараките на Град Скопје.

Координаторите на советничките групи на Советот на Град Скопје, синоќа на вонредна седница постигнаа консензус и донесоа заклучок со којшто ја поздравија одлуката на Владата за позајмување на нафта од државните резерви за потребите на ЈСП и побараа заедно во координација со ЗЕЛС, да продолжат разговорите со Град Скопје за нормализирање на состојбите во градот.

Градоначалничката на Скопје, Арсовска, пак, изрази благодарност до Владата, апелирајќи до советниците да го следат позитивниот пример. За кризата во ЈСП, Арсовска рече дека не е резултат на несоодветното менаџирање на претпријатието, туку поради што редовната јавна набавка била предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки.

Известува Александра Велинова