Македонија

Мицкоски: Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието можат да бидат мостови меѓу луѓето

22.11.2024 10:39

Живееме во време на силна диверзификација на различности. Албанската заедница е дел од оваа мозаична слика. Наша заедничка обврска е да продолжиме да градиме општество во кое секој граѓанин, независно од етничката или јазичната припадност, ќе се чувствува рамноправен и ќе има можност да го даде својот придонес за заедничкото добро, кажа премиерот во своето обраќање.

„Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието можат да бидат мостови меѓу луѓето. Не темите кои не разделуваат, не политичките барања на поединци кои многу години претходно се криеја позади народот кого го крадеа. Јасното фокусирање кон приоритетите, кон реалните потреби за образование, економија и напредок ни помагаат да ги надминеме разликите, да ги споделиме нашите вредности и да изградиме посилна, поединствена заедница“, нагласи премиерот Мицкоски на Свечената академија во Владата по повод Денот на албанската азбука.

Живееме во време на силна диверзификација на различности. Албанската заедница е дел од оваа мозаична слика. Наша заедничка обврска е да продолжиме да градиме општество во кое секој граѓанин, независно од етничката или јазичната припадност, ќе се чувствува рамноправен и ќе има можност да го даде својот придонес за заедничкото добро, кажа премиерот во своето обраќање.

Нагласи дека во нашата држава, образованието и писменоста се не само индивидуални потреби, туку и колективна одговорност. Тие се клучни за економскиот развој, за градење праведно и инклузивно општество и за зацврстување на демократијата. Само писмени и образовани граѓани можат активно да учествуваат во општествениот живот, да носат информирани одлуки и да придонесуваат за просперитетот на нацијата, рече Мицкоски.

„Мораме да разбереме дека образованието не завршува во училишните клупи. Тоа е процес што трае целиот живот. Како општество, мора да создадеме услови за постојано образование, за надградување на вештините и за охрабрување на креативноста. Но, за да го постигнеме тоа, потребна е заедничка заложба. Владата има одговорност да обезбеди квалитетно образование за сите – без разлика на етничка припадност, пол, географска положба или социјален статус. Семејствата имаат одговорност да ги поддржуваат своите деца во образовниот процес, а заедницата – да создаде средина во која знаењето ќе биде вреднувано и поттикнувано“, нагласи Мицкоски.

Рече дека е потребно да вложуваме во писменоста и да ги отвораме вратите на образованието за сите. Да создаваме општество во кое знаењето ќе биде најсилната валута. Само така можеме да изградиме држава што ќе биде подготвена за иднината, истакна премиерот во своето обраќање.