Зеленски до сојузниците: Путин ве тестира, мора силно да одговорите
Експериментална балистичка ракета со среден дострел – ова го истрела Русија врз Дњепар. Москва пред лансирањето го известила Вашингтон. САД порачуваат дека ја поддржуваат Украина, но не бараат војна со Русија. Според Путин, регионалниот конфликт веќе добил елементи од глобален карактер. Зеленски, пак, бара западните лидери силно да реагираат зашто Путин ги ставил на тест...

Сирени за тревога и нови руски напади во Украина. Жртви во Суми. Украинскиот парламент затворен од безбедносни причини. Москва продолжува со притисокот врз Киев.
„Гранатираат со ракети со касетна муниција. Денеска и со „Шахеди“ со шрапнели. Погледнете ги последиците“, изјави Володимир Артјух – началник на регионалната воена управа Суми.
Во своето обраќање до јавноста Путин јасно стави до знаење дека конфликтот добил елементи од глобален карактер, за што го обвини Западот. Потврди дека новата „Орешник“ е одговор за американски и британски ракети, предупредувајќи ги САД дека ќе бидат немоќни да ја запрат.
„Во моментов не постои начин за спротивставување на ова оружје. Ракетите напаѓаат цели со брзина од 10 маха, што е 2,5-3 километри во секунда. Регионалниот конфликт во Украина предизвикан од Западот доби елементи од глобален карактер“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.
Русија е целосно одговорна за ескалацијата-Белата куќа прстот го впери во Москва.
„Ескалацијата на секој чекор доаѓа од Русија. Тие се оние кои го засилуваат ова, кои ја започнаа оваа војна. Ова е поради нивната агресија на суверена територија, Украина“, изјави Карин Жан-Пјер – портпаролка на Белата куќа.
Реагираа и од Пентагон, велат-опасна и непромислена реторика на Путин. Потврдија дека биле информирани за нападот непосредно пред лансирањето за што го известиле и Киев. Велат, не сакаат војна со Русија, но и натаму ќе ја помагаат Украина со оружје.
„Видовме ваков тип опасна, непромислена реторика и претходно од претседателот Путин. Ние не бараме војна со Русија. Она на што сме фокусирани е да продолжиме да ја поддржуваме Украина со тоа што и е потребно“, изјави Сабрина Синг – портпаролка на Пентагон.
Путин ја ескалира ситуацијата, не сака мир, и го тестира светот-вели Зеленски. Го повика Западот решително да реагира. Од НАТО соопштија дека новата ракета нема да ги одврати од поддршката за Киев. Шефовите на француската и британската дипломатија за весникот „Фигаро“ потврдија дека нема да му дозволат на Путин да ги постигне своите цели. Во истовреме поранешниот украински генерал Валериј Залужни смета дека Третата Светска војна веќе почнала.
Бојана Крстевски
