Продолжуваат преговорите со банките за парите од унгарскиот кредит
Сè уште траат преговорите со банкарите за каматата на парите од унгарскиот заем за компаниите. Сите се согласни дека освен средства, за повисок економски раст на земјава и се потребни структурни реформи...

Министерката за финансии на тет-а-тет средба со претставници на секоја банка посебно за унгарскиот кредит. Се прават последните анализи за да се додефинираат работите околу каматата по која стопанството ќе ги добие парите, изјави Гордана Димитриеска-Кочоска. Појасни дека се чека конечен одговор за каматата што ќе биде пониска од 3,25%, додека рокот останува и оти голем дел од банките кажале дека нема проблем за давање до три години грејс период и до 15 години отплата.
Кога економијата е во подем, државата мора да штеди за добра економска година, велат од „Фајненс тинк“. Без структурни реформи не може да очекуваме економски раст поголем од 2,5%.
Мора повеќе да се работи и да се внимава како се трошат јавните пари, алармира академик Абдулмеф Беџети.
Додека се очекува заживување на економијата, Владата најави субвенционирање на каматата за заемот од Унгарија, но побара од банките да учествуваат во тоа.
Бизнисот ги чека 250-те милиони евра од унгарскиот кредит за да ги финансира своите инвестиции.
Борис Грујоски
