Македонија

ИВЗ и ДУИ се противат битолската Јени џамија да биде музеј

22.11.2024 16:38

Лавина реакции по отворањето на битолскиот Музеј на христијанско и исламско културно наследство. ИВЗ се против Јени џамија да се користи за вакви цели. ДУИ тврди дека одлуката не била изолиран случај, туку дел од активностите за поткопување на соживотот …

Кока јени џамијаПренамената на битолската Јени џамија во Музеј на христијанско и исламско културно наследство ги разлути ИВЗ и ДУИ. Од исламската верска заедница велат дека е неприфатливо тоа што без нивна согласност, битолскиот Завод и музеј ја трансформирал џамијата во музеј.

„Остро се спротивставуваме на оваа иницијатива, Јени џамија да се претвори во „музеј“ и повикуваме на итен прекин на сите активности поврзани со овој процес. Ги повикуваме државните институции да прекинат со секое законско овластување кое води кон промена на карактерот на овој културен и верски објект“, стои во реакцијата на ИВЗ до премиерот, министерот за култура и дипломатските претставништва.

Осуда стигна и од ДУИ. Според партијата, ваквата одлука е сериозен удар врз толеранцијата и почитувањето на соживотот граден со години.

По долги години ископувања и реставрирања, повторно е во употреба џамијата која датира од 16 век, а археолошките ископувања покажаа дека во нејзините темели се наоѓа некогашната катедрална црква во Битола „Свети Ѓорѓи“.

Пуштањето во употреба беше најавено како симбол на соживотот.

 

Фиљана Кока