Годинава рекорден број пријавени и вакцинирани против сезонски грип
Рекорден број пријавени и вакцинирани против сезонски грип. Но, има и граѓани кои имаат закажан термин, а не го користат. И, ова не се однесува само на имунизацијата...

Граѓаните не ги откажуваат закажаните прегледи преку „Ној термин“. Последниве два месеца, на магнетна резонанца над 25 проценти од пациентите не дошле на преглед, а на компјутерска томографија повеќе од 23 насто. Поради нивната неодговорност, други кои имаат потреба од итна дијагностика чекаат со месеци. Во некои земји, доколку двапати се откаже терминот следува парична казна или пациентот не може да закаже друг термин во одреден временски период.
„Ние не би сакале да одиме со такви реперкусии. Првин ќе апелираме, ќе видиме, ќе разговараме и со докторите, ќе разговараме и преку Здруженијата на пациентите, ќе апелираме. Тоа е последно што може да направиме. И последниот ден да се откаже ние сме подготвени, „Мој термин“ се организирани веднаш можат да го пуштат терминот и да го искористи пациент кому навистина му треба“, изјави Јовица Андоновски, заменик – министер за здравство.
Околу седум илјади граѓани не дошле на закажан термин за имунизација против сезонски грип. Здравствените власти со повик да ги консултираат матичните за да ги упатат каде и кога можат да се имунизираат. Во пунктовите се трошат последните дози.
„Ќе се вакцинирам, секоја година се вакцинирам“.
„Се е добро, немам проблем, добро е да се вакцинираме“.
„Не смеам да се вакцинирам, имам респираторен проблем, и во извештаите пишува дека не смеам да примам вакцина“.
„Мислам дека предност имаат повозрасните, не знам дали ќе има доволно ако се јавам“.
„Никогаш не сум се вакцинирала, ниту против Ковид, затоа што немам доверба“, велат анкетирани граѓани.
За една недела, 64 случаи со грип регистрира Институтот за јавно здравје. Сè уште не е достигнат прагот за влез во сезоната.
Вакцината е најефикасен начин за превенција од сезонскиот грип – велат лекарите. Штити од тешки форми на болеста, хоспитализација и од смртен исход.
Годинава Министерството за здравство набави 70 илјади бесплатни вакцини против сезонски грип, 10 илјади се обезбедени со донација, а има и комерцијални.
Андријана Ѓурческа
