Меџити очекува Уставниот суд да не се впушта во политички размислувања, туку да остане непристрасен арбитер
Уставниот суд да не се впушта во политички размислувања, туку да остане непристрасен арбитер, повика вицепремиерот Меџити. Одбележувањето на Денот на албанската азбука во знакот на вжештената дебата за употребата на албанскиот јазик…

Денот на албанската азбука нè затекнува среде жестока дебата за официјалната употреба на албанскиот јазик во нашата земја, намерно поттикната за да се дефокусира јавниот интерес и да се произведат вештачки кризи таму каде што ги нема, вели вицепремиерот Изет Меџити.
„Очекувам Уставниот суд да се занимава со правата на граѓаните, а не да се пушта во политички води. Да не зазема страна и да биде индиферентен. Уставниот суд, за жал, се претвори во институција кон која сите фрлаат оган, гнев и стрели, а кон која со почит требаше да се гледа како на чувар на правата и слободите на граѓаните“, нагласи вицепремиерот Меџити.
Според ДУИ, Уставниот суд не смеел да го чепне Законот за јазиците, бидејќи така ќе се срушел Рамковниот договор. Од партијата повикуваат да се казнува непочитувањето на Законот за јазици.
„Уставниот суд не може да излезе над против Уставот, значи јасен е Уставот по однос и на етничката припадност, којашто е воведена со Рамковниот договор и по однос на јазикот. Очигледно Уставниот суд има политички притисок бидејќи мора да реализира партиска политичка програма. Етничката припадност, односно правичната застапеност е основно уставно право, основно човеково право.
Одбележувањето на Денот на албанската азбука е одраз на силната диверзификација на различностите во нашето општество, во кое секој треба да се чувствува рамноправен без разлика на етничката и јазичната припадност-посочи премиерот Мицкоски.
„Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието можат да бидат мостови меѓу луѓето. Не темите кои не разделуваат, не политичките барања на поединци кои многу години претходно се криеја зад народот кого го крадеа. Јасното фокусирање кон приоритетите, кон реалните потреби за образование, економија и напредок ни помагаат да ги надминеме разликите, да ги споделиме нашите вредности и да изградиме посилна, поединствена заедница.“, нагласи премиерот Мицкоски.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче вели дека почитувањето на различностите, вклучително и јазичните, се клучен услов за изградба на стабилно, напредно и демократско општество.
Марина Стојанова-Тонева
