Свет

Бура од реакции по издадениот налог за апсење на Нетанјаху

22.11.2024 17:18

Нетанјаху ја осуди одлуката на Меѓународниот кривичен суд за негово, и за апсење на поранешниот министер за одбрана Галант. Рече дека е антисемитска. САД немаат намера да ги извршуваат налозите за апсење на израелските функционери …

Бура од реакции, за и против, предизвика издадениот налог за апсење на израелскиот премиер Нетанјаху. За американскиот претседател во заминување, судот во Хаг ги преминал границите. „Страшно“ напиша Бајден во неговиот писмен став. Обвинителот нема докази, велат во Белата куќа.

„Ние во основа не ја признаваме судската одлука да издаваат налози за апсење за високи официјални лица на Израел. Длабоко сме загрижени за одлуката на судот да побара налози правејќи грешки во постапката. Меѓународниот кривичен суд нема надлежност за ова прашање“, вели Карин Жан-Пјер, секретарка за медиуми на Белата куќа.

Но, така не мисли и официјална Отава, доколку Нетанјаху се најде на територијата на Канада.

„Ние сме меѓу основачите на Меѓународниот кривичен суд и на Меѓународниот суд на правдата. Се залагаме за меѓународното право и ќе ги почитуваме сите правила и регулативи на судовите“, рече премиерот на Канада, Џастин Трудо.

Ова ги нарушува правата на демократските земји да се бранат од убиствениот тероризам, коментираше шефот на израелскиот кабинет.

„Израел не ја признава одлуката. Продолжуваме да правиме сè во одбрана на нашата земја против Иран, оската на теророт, против Техеран и неговите сојузници“, нагласи Нетанјаху.

Прашањето на престојот во земјата, што претпоставува и спроведување на налогот, веќе го решил унгарскиот премиер. Го покани колегата да ја посети Будимпешта.

„Не ја признаваме одлуката на судот, сметаме само на квалитетот на унгарско-израелските односи. Нетанјаху е овде безбеден ако ја прифати поканата“, изјави премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.

Дилемата е сепак отворена во Германија. Има двојство меѓу почитувањето на судот и апсењето.

„Го почитуваме меѓународното право, но сега испитуваме што тоа значи за нас, во германски услови“, рече Аналена Бербок, министерка за надворешни работи на Германија.

Потпретседателот на Европската комисија, Борел оцени-налозите за апсење на судот се задолжителни за сите земји-членки на Унијата.

Зоран Богатинов