Скопје

Расте гневот на граѓаните за проблемите со јавниот превоз

22.11.2024 18:32

Расте гневот на граѓаните за проблемите со превозот-студенти, средношколци, жители на Шуто Оризари протестираа пред Град Скопје. Бараат градоначалничката да преземе одговорност. Јавниот превоз денеска се нормализира, автобусите сообраќаат, нафта од државните резерви ќе добиваат следните седум дена…

Автобусите на ЈСП сообраќаат по редовниот возен ред, добија нафта од државните резерви. Испораката на горивото се врши сукцесивно. Граѓаните веќе не чекаат со часови.

Обезбедена е нафта за една недела, што, според Арсовска, ќе биде доволно до склучување нов договор за набавка на гориво. Од Бирото за јавни набавки велат дека и тоа што претходно било набавено преку јавни набавки спроведени од ЈСП не било согласно законската процедура. Јавното обвинителство ги следи состојбите со набавките на гориво за потребите на автобусите и на финансиска полиција ѝ има дадено насоки како да постапува.

Жителите на Шуто Оризари се чувствуваат дискриминирани, автобусите на ЈСП не возат во оваа општина, па дојдоа пред Советот на Град Скопје. Барањата ги доставиле до градоначалничката.

Од Град Скопје стигна одговор дека во Шуто Оризари нема јавен превоз бидејќи советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на град Скопје одбива да им овозможи на приватните превозници да возат на нивните автобуски линии согласно барањата кои ги имаат доставено до пред неколку месеци.

Наташа Јанчиќ-Менковски