Здравство

Зголемен бројот на заболени од сезонски грип во Куманово

23.11.2024 17:08

Над 80 случаи на заболени од сезонски грип во Куманово. Најпогодени се лицата од 15 до 64 години. Паралелно тече и вакцинацијата. Послаб е интересот за комерцијалните вакцини...

Зголемен е бројот на заболени од грип, покажуваат податоците на кумановскиот центар за јавно здравје. Од почетокот на октомври регистрирани се над 80 случаи. Повеќето од заболените се на возраст од 15 до 64 години.

„Од 5 до 14 година има 26 заболени, над 65 има шест заболени и група од 0 до четири со еден регистриран заболен“, истакна д-р Едита Рамизи, епидемиолог од Центарот за јавно здравје Куманово.

Здравствените работници потенцираат дека вакцинацијата е најдобра заштита и против сезонски грип. Во Куманово досега се имунизирале над 2.700 лица од ризичните категории.

Од Центарот за јавно здравје информираат, во Крива Паланка се имунизирани над 780 лица, додека во Кратово бројката засега е над 260.

Граѓаните поделени, дел се вакцинирале, други не. Но, повеќето внимаваат во зимскиот период и внесуваат повеќе витамини.

„Не се вакцинирам се пазам, каде има метеж повеќе не одам. Повеќе витамини течности? Тоа задолжително, повеќе лимон“, вели една граѓанка.

„Досега се вакциниравме, сега не знам натаму како ќе биде“, дополни друг граѓанин.

„Сум се вакцинирала, јас сум медицинско лице, но оваа година не. Повеќе витамини и зеленчук“, нагласи кумановка.

Надлежните информираат дека е слаб интересот за комерцијалните вакцини.

Елена Георгиевска