Зголемен бројот на пријави за семејно насилство во Велес
Од понеделник започнува кампањата 16 дена борба против насилството, во Велес Организацијата на жени се бори да опстане советувалишниот центар, кој треба да го финансираат локалните власти, а услугите се бесплатни, во ситуација кога се зголемува бројот на пријави за семејно насилство …

Испитувањето на Организацијата на жени од Велес покажа дека жените распознаваат повеќе видови на семејно насилство, додека машките само психичко и физичко. Испитаниците без разлика на пол, не умеат да направат разлика помеѓу семејно насилство и родово базирано насилство. Анкетата покажала дека на Велес, заедно со соседните општини Лозово, Градско и Чашка му е потребен советувалиштен центар, кој постои и треба да го финансираат локалните власти.
Анкетираните не ги знаат правата на жртвите од семејно насилство. Мал е бројот на испитаници кои знаат дека има советувалиштен центар во Велес и уште помалку дека услугите се бесплатни. Сè уште постои мислење дека не постои сексуално насилство извршено од страна на брачен партнер, туку само од непознат сторител.
Во Центарот за социјални работи Велес, лани имало пријавено 73 жртви на семејно насилство, од нив 52 жени 21 маж и 11 деца. Овие бројки се поголеми од тие во 2022-ра кога имало пријавено 60 жртви. Бројот на пријавени случаи лани во СВР Велес е помал, споредено со Центарот за социјални работи. Во полицијата во 2023-ра година имало пријавено 66 случаи семејно насилство, од нив 39 биле жени, 13 мажи и осум деца. Лани имало повеќе пријави отколку во 2022-ра, кога полицијата регистрирала 34.
Од вкупниот број на пријави во 2023-ра, Основното јавно обвинителство – Велес поднело 31 обвинение за кои има донесено 24 одлуки од страна на судија од Основен суд Велес. Повеќето од нив се со условна затворска казна, за три случаи е изречено психијатриско лекување а во еден случај парична казна. За 31 пријавен случај за семејно насилство, Обвинителството ја отфрлило пријавата, бидејќи најчесто жртвата се повлекла.
Петар Печков
