Нови предупредувања од Русија, почнува со производство на новата моќна ракета „Орешник“
Светот стравува од разгорување на руско-украинскиот конфликт. Русија почнува со производство на нова ракета која во еден напад може да биде разорна и да достигне цели во Европа, предупреди Кремљ. И украинскиот претседател тврди дека работат на развој на воздушната одбрана за да се спротивстават на новите ризици. САД очекуваат илјадници севернокорејски војници стационирани во Русија наскоро да тргнат во битка.

Нови предупредувања од Русија. Кремљ почнува со производство на новата ракета „Орешник“, која беше тестирана во нападот во Днепар. Новата ракета не е интерконтинентална, но во комбинација со неколку такви ракети опремени со боеви глави во еден напад може да биде разорна и да достигне цели во Европа, предупреди Москва.
„Ракетниот систем „Орешник“ не е само ефикасно хиперсонично оружје. Благодарение на неговата моќ, особено во случај на масовна употреба во комбинација со други прецизни оружја со долг дострел што ги има Русија, резултатите од употребата против непријателски цели ќе бидат споредливи по ефект и по моќ со стратешко оружје. Системот „Орешник“ не е стратешко оружје и не е интерконтинентална балистичка ракета“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
„Врз основа на поставените задачи и дострелот на ова оружје, тоа може да достигне цели низ цела Европа, што го разликува од другите видови прецизни оружја со долг дострел. Масовната употреба на овој тип оружје ќе биде споредлива со употребата на нуклеарно оружје“, изјави генерал Сергеј Каракаев, началник на руските стратешки ракетни сили.
Украинскиот претседател тврди дека и тие работат на развој на нови видови воздушна одбрана за да се спротивстават на новите ризици. Путин мора да ги почувствува последиците од неговите постапки, став на Зеленски.
„Кога некој почнува да користи други земји не само за терор туку и за тестирање на нивните нови проектили, ова е несомнено меѓународно злосторство. Некои лидери постојано повикуваат на воздржаност, но како одговор секогаш добиваат нова ескалација од Москва. Затоа светот мора да звучи сериозно и да го натера Путин навистина да се исплаши од проширување на војната и да ги почувствува вистинските последици од неговите постапки“, порача украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
САД очекуваат илјадници севернокорејски војници стационирани во Русија наскоро да тргнат во битка против Украина. На фронтот продолжуваат жестоки битки. Според извештаите, руските сили напредуваат на источниот фронт.
„Има околу 10.000 севернокорејски војници во регионот Курск, и тие беа интегрирани во руските формации. Врз основа на тоа како беа обучени и начинот на кој беа интегрирани во руските формации, очекувам наскоро да се вклучат во борба“, изјави Лојд Остин, секретар за одбрана на САД.
На фронтот продолжуваат жестоки борби. Според извештаите, руските сили напредуваат на источниот фронт.
Маријана Димовска
