Јубилеј

Се одбележуваат 80 години НУБ „Св. Климент Охридски“

23.11.2024 14:52

Денеска се одбележуваат 80 години од именувањето на првиот директор и започнувањето со работа на библиотеката во слободна Македонија со заповед на поверенството за народна просвета на президиумот на АСНОМ на 23 ноември 1944 година.

Од пепелот на војната се роди Народната библиотека, денес НУБ „Свети Климент Охридски“. На почетоците скромно, со 150.000 книги и само 12 вработени, кои го чувале македонското национално богатство од окупации, земјотреси, поплави. Нивното наследство е наш завет, порача претседателката Сиљановска-Давкова на одбележувањето на 80 години од нејзиното основање.

Раководството на установата, свесно за предизвиците во Националната универзитетска библиотека вели дека никогаш нема да се откаже од заштитарската должност за зачувување на историскиот и културен идентитет. Од Министерството за култура ветување дека ќе се продолжи со дигитализација на библиотечниот фонд.

Додека траеше свеченоста прокисна и дел од кровната конструкција. Институцијата со години е во лоша состојбата. На ова алармираше и министерот за култура и туризам, Љутков, според кого библиотеката со години била целосно запуштена, со полни депоа во кои има над милион книги кои ја блокираат нејзината работа.

 

Викторија Милевска