Јавен превоз

Приватните превозници ќе се вклучат во јавниот градски превоз со намален капацитет

23.11.2024 15:30

По дводневниот колапс со градскиот превоз, приватните превозници свикаа прес-конференција. Од понеделник во сообраќај ќе учествуваат само фирмите со финансиска можност...

Приватните превозници ќе се вклучат во јавниот градски превоз од понеделник, но не со полн капацитет. Нивни претставници изјавија дека во сообраќај ќе учествуваат само фирмите со финансиска можност.

Тие апелираат до градоначалничката на Град Скопје, советниците и Владата да одржат заеднички состанок и да најдат прифатливо решение за нивното барање за зголемување на цената по изминат километар. Посочија дека приватните превозници имаат 200 автобуси и дека може да го покријат недостатокот на автобуси на ЈСП.

Опозициската СДСМ вината за нефункционирање на градскиот превоз ја гледа во Владата. Апелираа да се надминат проблемите во градскиот превоз.

Состојбите во градскиот превоз кулминираа откако ЈСП снема гориво за редовен сообраќај. Владата интервенираше од државните резерви да обезбеди гориво за седум дена, со што се нормализира превозот од петок. Се одржаа протести на студентите и жителите на Шуто Оризари како реакција на нефункционалниот јавен превоз.

 

Игор Панов