Светот постигна нов климатски договор на конференцијата во Баку
Постигнат е договорот за справување со климатските промени на конференцијата во Баку. Развиените земји ќе плаќаат 300 милијарди долари годишно во следните 11 години за да им помогнат на посиромашните во борбата против климатските промени. Претставниците на сиромашните земји на момент ги напуштија преговорите, обвинија дека нивниот глас не се слуша доволно...

Во тензична дебата и низа несогласувања, постигнат е нацрт-договор на Самитот на Обединетите Нации за климатските промени во Азербејџан. Европската унија, САД и други богати земји ветија дека ќе дадат рекордни 300 милијарди долари до 2035-та година на земјите во развој, за да им помогнат да се подготват и да ги спречат климатските промени.
„Сега сме подготвени да започнеме со одобрување проекти. Овој пазар ќе отклучи трилиони и ќе ни заштеди милијарди. Тие ќе помогнат да се насочат ресурсите кон светот во развој и ќе ги намалат трошоците за спроведување на нашите климатски планови“, изјави Мухтар Бабаев, претседател на КОП 29.
„Оваа нова финансиска цел е осигурителна полиса за човештвото во услови на влошување на климатските влијанија што ја погодуваат секоја земја. Како и секоја полиса за осигурување, таа функционира само ако премиите се исплатат целосно и навреме“, рече Симон Стиел, извршен секретар н ООН за климатски промени.
Нацрт-договорот не е блиску до сумата од 1,3 трилиони долари што ја бараа земјите во развој, но е три пати повеќе од договорот од 100 милијарди долари годишно од 2009 година.
„Беше навистина комплицирано, но многу добра вест е што успеавме да го постигнеме ова во тешки геополитички времиња. Тројното зголемување на сумата што ја ставивме на маса е значителен, навистина значаен скок напред“, рече Вопке Хоекстра, европски комесар за климатски активности.
„Мислам дека успеавме да се собереме и да имаме исход кој е напредок и кој ни дава одредено охрабрување за следните неколку години во многу, многу тешка геополитичка ситуација“, изјави Хусеин Алфа Нафо, советник на претседавачот на Африканската група.
„Сметаме дека е длабоко разочарувачки бидејќи износот е исклучително низок. Тоа е само 300 милијарди долари“, рече Харџит Синг, директор за Иницијативата за договор за неширење на фосилни горива.
Климатската конференција во Баку, требаше да заврши во петокот, но беше продолжена. Преговарачите од земјите во развој и островските земји ја обвинија земјата домаќин, Азербејџан дека ги игнорирала во текот на две недели од конференцијата и привремено ги напуштија разговорите.
„Го прифативме текстот затоа што нема да го оставиме Баку без текст. Но, ние воопшто не сме задоволни“, изјави Хуан Карлос Монтереј Гомез, пратеник за климатски промени од Панама.
„Не постигнавме сè што сакавме, но постигнавме нешто. Ќе беше катастрофално ако не добиевме ништо“, Али Мохамед, пратеник за климатски промени во Кенија.
Активистите во текот на целиот самит повикуваа богатите земји да платат.
Расправата го извади на површина јазот меѓу богатите влади и земјите во развој кои се борат со трошоците предизвикани од бури, суши, поплави, пожари. Американскиот претседател Џо Бајден, договорот го нарече историски. Русија пак, ги вклучи териториите што ги окупира во Украина во својот неодамнешен извештај за стакленички гасови до Обединетите нации, што предизвика протести од украинските власти и активисти на климатскиот самит.
Маријана Димовска
