Владата и банките се договориле за унгарскиот кредит, каматата за компаниите ќе биде 1,95 отсто
Дел од банките се согласиле на владините побарувања за унгарскиот кредит. Од неколку банки веќе има потврда, рече премиерот Мицкоски. Договорена е каматна стапка од 1,95 проценти, до три години грејс период и до 15 години рок...

Историска вест за македонското стопанство, вака премиерот Мицкоски ја потврди најавата дека е постигнат договор со најголемиот број банки за користење на парите од унгарскиот заем.
Од неколку од банките веќе имаме потврда и очекувам најголем дел од нив да застанат зад проектот и конечно 250-те милиони евра од унгарскиот заем да бидат поделени на македонското стопанство, порача премиерот Христијан Мицкоски.
Договорена е каматна стапка од 1,95 проценти, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност од потребите на компаниите.
Премиерот нагласи дека за да добијат кредит, компаниите ќе треба да имаат минимум 20 отсто сопствено учество, а максималниот износ кој можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра.
Сите компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти кои ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба, рече Мицкоски.
Игор Панов
