Инфраструктура

Се интензивираат градежните работи на автопатот Кичево-Охрид

24.11.2024 16:09

Се работи и дење, но и ноќе под рефлектори. Ќе се асфалтира и во зима на минусни температури. Автопатот Охрид-Кичево ќе биде конечно завршен до крајот на 2024-та година, најави министерот за транспорт и врски.

Изградбата на автопатот Охрид Кичево продолжува со засилена динамика. Ќе се работи во змиски услови и на минусни температури, дење, но и ноќе. Останува најавениот рок, целата делница да биде пуштена во употреба до крајот на 2026-та година.

Министерот за транспорт и врски најави дека идното лето ќе започне изградбата на автопат од Кичево до Букојчани, а во меѓувреме се гради и делницата Букојчани - Гостивар па се очекува за три и пол до четири години во функција да биде целосно автопатско решение од Скопје до Охрид.

„Денес сме тука да промовираме асфалтирање во зимски услови на минусни температури, исто така сте сведоци дека се работи и во вечерните часови. Направивме голема мобилизација се решија проблемите со експропријација, се реши проблемот со асфалтирање. Во моментов имаме мобилизација од околу 300 машини кои работат на целокупната делница на автопатот и преку 600 луѓе секој ден работат“, изјави министерот Александар Николоски.

До почетокот на следната летна сезона се очекува да биде пуштен во функција делот од автопатот Врбјани-Охрид во должина од 40 километри.

„Ни останува оној делот којшто е од Кичево до Врбјани. Во тој дел интензивно работиме задно со министерот за да може да направиме санација и стабилизација на косините бидејќи тие косини со години наназад се отворена рана, изложени на атмосферски влијанија“, рече Коце Трајаноски, директор на ЈПДП.

„Комплетирањето на оваа автопатска делница заедно со онаа која веќе започна, а тоа е делот од Букојчани до Гостивар, ќе претставува одлично поврзување на градот, брзо доаѓање до градот Охрид посебно во туристичките месеци“, рече Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

Изградбата на автопатот Охрид-Кичево, делница во должина од 57 километри, започна во февруари 2014-та година. Првиот рок беше дека ќе биде готова за четири години.

 

Соња Рилковска