Пробиени 43% од автопатот Миладиновци- Свети Николе- Штип за пет месеци
23.07.2014 14:21
Според Груевски, пробиеноста на 43 проценти од автопатската делница е добар напредок дури и повеќе од планираното за реализација на проектот од 208 милиони евра, што треба да биде завршен за три години...

Четириесет и три проценти од автопатот Миладиновци - Свети Николе - Штип се веќе пробиени од почетокот на изградбата пред пет месеци. Градежните работи, според премиерот Никола Груевски, се одвиваат добро, а најголем дел засега ги изведуваат домашни компании. Очекувањата се реализацијата на инвестицијата од 208 милиони евра во изградбата на 47 километри автопат да обезбеди голем број домашни вработувања.
„Ангажирани се околу 250 работници, на терен се 136 градежни машини. До крајот на август бројот на градежната механизација ќе се дуплира, што значи дека значително ќе се зголеми бројот на вработени“, изјави денеска Груевски при увидот на изградбата на автопатот „Гоце Делчев“.
Бројката на ангажирани работници, посочи премиерот, не е конечна, постојано се зголемува. Се очекува нејзино драстично зголемување во наредните неколку месеци.
Според Груевски, пробиеноста на 43 проценти од автопатската делница е добар напредок дури и повеќе од планираното за реализација на проектот од 208 милиони евра, што треба да биде завршен за три години.
Директорот на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски рече дека подизведувачот на градежните работи „Бетон“ треба да изгради делница од 17 километри по што главниот изведувач од Кина „Снохидро“ ќе има 10 километри. Останатите 20 километри на трасата од Свети Николе - до Штип ќе ги изведе домашната компанија „Гранит“, исто така како подизведувач.
