30.КОНГРЕС НА СДСМ

Социјалдемократите ги избраа новите членовите на највисоките партиски тела

24.11.2024 18:50

Катастрофалниот изборен пораз е шанса за нов почеток. Вака лидерот на социјалдемократите Венко Филипче го бодреше денеска членството и вети дека партијата ќе се врати на победничките патеки. СДСМ денеска ги избра новите членови на највисоките партиски тела, заменичка е Фани Каранфилова-Пановска, која доаѓа на местото на Сања Лукаревска откако си даде оставка од функцијата

По еден пропаднат конгрес и изгубени двојни избори, социјалдемократите се консолидираа и ги избраа новите членови на Централниот и Надзорниот одбор. На списокот доминираат нови имиња за кои лидерот Филипче тврди оти ќе внесат нова енергија и ќе работат во најдобар интерес на граѓаните. На 30. Конгрес за заменичка на Филипче е избрана Фани Каранфилова-Пановска, која доаѓа на местото на Сања Лукаревска која си даде оставка.

Лидерот на социјалдемократите со охрабрувачки говор пред делегатите, дека и по поразите партијата ќе се издигне како „Феникс“ и повторно ќе стане силна и моќна. Филипче ги кажа грешките на партијата кои резултираа со историски најлош резултат на изборите. СДСМ занемарила да биде сервис на граѓаните на сметка на политиките насочени кон евроинтеграциите, признава дека партијата била сервилна и кон коалициониот партнер.

Меѓу присутните на конгресот и поранешните лидери на СДСМ, Ковачевски и Бучковски, но не и Зоран Заев.

Филипче, сепак, тврди дека тој му испратил порака во која му посакал успешна работа. Отсуствуваше и Петре Шилегов кој во изминатите недели критикуваше дека партијата станала заробена. Во наредните денови ќе се одржи и првата седница на Централниот одбор кој ќе го избере извршниот, но и потпретседателите и секретарите на СДСМ.

Викторија Милевска