Продолжуваат борбите низ цела Украина
Продолжуваат борбите во Украина. Во Курската област уништени проектили и беспилотни летала. Со дронови нападната и фабрика, дел од рускиот воено-индустриски комплекс. Во Берлин се разговара за зајакнување на безбедноста и одбраната во Европа...

Борбите продолжуваат низ цела Украина. Украински проектили и беспилотни летала се уништени во текот на ноќта над областа Курск, изјави гувернерот на руската област. Со дронови нападната и фабриката „Тајфун“, дел од рускиот воено-индустриски комплекс, во градот Калуга. Според претседателот Зеленски, светот има системи за противвоздушна одбрана способни да се бранат од руски ракети, но Москва мора да ги почувствува последиците за своите потези.
„Светот има системи за Русија мора да почувствува дека секој чекор што го презема за проширување на војната има последици за неа. Мораме постојано да правиме се за да бидеме сигурни дека Русија е принудена да ја бара можноста за мир. Тоа е можно само со две работи: помош на Украина и притисок врз Русија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во меѓувреме, украинските истражители почнаа да ги испитуваат остатоците од Орешник, новата руска балистичка ракета со среден дострел, која беше користена во нападот на Днепар.
„Наведената ракета е балистичка, движена по балистичка траекторија што резултираше со оштетување на цивилните инфраструктурни објекти. Треба да се напомене дека првпат се откриени остатоци од ваков проектил на територијата на Украина“, изјави експерт во Службата за безбедност на Украина.
Министрите за одбрана на Германија, Франција, Полска, Италија и Обединетото Кралство денеска во Берлин разговараат за мерките за зајакнување на безбедноста и одбраната во Европа. Блискиот Исток и Украина теми на Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Г-7, на 80 километри од Рим. Генералниот секретар на НАТО Марк Руте во Турција ќе разговара со претседателот Реџеп Таип Ердоган за војната во Украина и за можната посредничка улога на Анкара во постигнувањето примирје.
Маријана Димовска
