Еден загинат во пад на авион на „ДХЛ“ во Литванија, не се исклучува можноста дека е тероризам
Товарен авион на „ДХЛ“ се урна во близина на аеродромот во Вилнус, Литванија. Најмалку едно лице, член на екипажот загина, а тројца се повредени. Причината за несреќата се истражува. Властите не исклучуваат тероризам. Од одделот за државна безбедност на Литванија велат дека нивото на закана е зголемено во цела Европа и во светот поради војната во Украина.

Транспортен авион на „ДХЛ“, Боинг 737-400 кој летнал од Лајпциг, Германија кон Литванија, се урна во зграда во Вилнус. Најмалку едно лице загина, тројца се повредени. Властите велат дека авионот се излизгал на земјата 100 метри пред да удри во двокатен станбен блок по што избувнал пожар. Жителите во чија близина паднал воздухопловот се евакуирани.
„Се истражуваат причините и околностите. Прерано е да се претпоставува што се случило. Веројатно најважната вест е дека се избегнати жртви меѓу жителите и сериозни штети врз инфраструктурата“, изјави Вилмантас Виткаускас, шеф на Националниот центар за управување со кризи.
Причината за несреќата е непозната, литванските власти почнаа истрага.
„Може да биде технички дефект или човечка грешка. Ние не сме воздухопловни експерти за да навлегуваме во детали. Не чека долга работа. Истражување на областа, докази и собирање предмети. Ова може да потрае цела недела. Одговорите нема да дојдат брзо“, изјави Арунас Паулаускас, генерален полициски комесар.
Раководителот на Националниот центар за справување со кризи вели дека не се исклучува тероризам. Од Одделот за државна безбедност на Литванија изјавија дека нивото на закана е зголемено во цела Европа и во светот поради војната во Украина.
„Без никакво сомневање, не можеме да исклучиме тероризам. Гледаме дека Русија станува поагресивна. Како што знаете, и нашите меѓународни партнери јавно зборуваат за опасности, случаите на саботажа се зголемуваат, како и заканата од тероризам. Не можеме да ја исклучиме оваа верзија. Сепак, сè уште не можеме го насочиме прстот кон некого“, изјави Дариус Јаунискис, директор на Одделот за државна безбедност на Литванија.
Во јули, во логистички центар во Лајпциг се запалиле два пакета кои биле испратени преку ДХЛ од Литванија. Полските обвинители неодамна ја обвинија Русија дека стои зад серијата пожари на пратки испратени преку курирски компании во Полска, Германија и Велика Британија, што требало да послужат како проба за саботирање летови до САД и до Канада. Полското обвинителство тврди дека група саботери на руската воена разузнавачка агенција ГРУ биле вмешана во испраќање пакети кои содржеле скриен експлозив и опасни материјали.
Маријана Димовска
