Одложено уривањето на Мостот на желбите
Одложено е уривањето на Мостот на желбите кај охридската населба Канео. Иако има решение за уривање на оваа дивоградба инспекциските служби ја одложија за денеска најавената акција во интерес на туристичката сезона. Сепак мостот во септември ке биде урнат.

Иако инспекциските и сите други надлежни служби уште утрото ги започнаа активностите за уривање на Мостот на желбите, кој крајезерската населба Канео ја поврзува со Сараиште во стариот дел на градот, решението за отстранување на дивоградбата не беше реализирано. Од општинскиот инспекторат најавија дека тоа ќе се случи во септември, по завршувањето на туристичката сезона.
„Сопствениците на мостот и мештаните се повикани на итен состанок во Секторот за урбанизам каде што од стручни лица и од општинскиот инспекторат се известени дека треба да се најде соодветно техничко решение во најкус можен рок за да се подобри безбедноста на мостот до крајот на летната сезона“, изјави Никола Милески од општинскиот инспекторат.
„Во овој момент во интерес на туристичката сезона и жителите кои што живеат во тој дел на градот дојдовме до заедничко решение да се одложи уривањето“, изјави Димитар Пендов, концесионер на плажата „Потпеш“.
Оваа одлука со задоволство ја примија жителите на канео, особено повозрасните, за кои мостот е најкусиот пат до градот.
„Мостот беше благодет за мештаните. Еве има како мене изнемоштени лица кои не можат да одат преку ридот“, вели Јаким Каневче, жител на Канео.
„Ова што сега се работи во текот на сезоната не се прави никаде во светот. Значи мостот треба да се урне во септември, ако веќе треба да се урива“, изјави турист од Србија.
Мостот на желбите беше донација на бизнисменот Велија Рамкоски, но се работи за дивоградба изградена без проект, која била пуштена во употреба без технички прием. На местото на овој објект локалната самоуправа планира да изгради безбедна пешачка патека.
Сашо Нелоски
