Жестоки руски напади, гранатирани Запорожје и Одеса
Војната во Украина и заканите од Москва – тема на европските министри за одбрана во Берлин. Драматичниот развој на украинскиот фронт ги собра и шефовите на дипломатиите на Групата 7 најразвиени во Италија. Додека во Турција се бараат мировни решенија, руските напади не стивнуваат

Војната меѓу Украина и Русија влегува во драматична етапа. Ситуацијата на терен драстично ескалира. Руските напади сè се пожестоки. Гранатирани се Запорожје и Одеса. Повредени цивили и десетици оштетени згради по балистичка ракета во Харков. На заканите од Москва по лансирањето на хиперсоничниот „Орешник“ реагира Зеленски – Москва мора да ги почувствува последиците од своите потези.
„Светот има системи за Русија да почувствува дека секој чекор што го презема за проширување на војната носи последици за неа. Мораме постојано да правиме се за да бидеме сигурни дека Русија е принудена да бара мир. Тоа е можно само со две работи: помош на Украина и притисок врз Русија“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Додека Киев ги истражува последиците од ракетата со среден дострел, европските министри за одбрана во Берлин разговараат за зајакнувањето на безбедноста на Стариот Континент. Руско-украинскиот конфликт е една од темите и на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Г-7 во Италија.
„Многу е важно во оваа група сите колеги да застанат зад Украина онолку долго колку што ќе трае и убедени сме дека ќе има средства и воена помош за да ја преживее и 2025 година. Нашата проценка е дека Путин воопшто не покажува знаци за преговори. Мора да се погрижиме Украинците да бидат опремени за борбата“, порача Дејвид Лами, министер за надворешни работи на Велика Британија.
Кремљ открива дека идната администрација на Трамп истражува потенцијални мировни решенија за украинскиот конфликт.
„Од кругот на поддржувачите на Трамп и оние кои беа номинирани за идните позиции во администрацијата се слуша зборот мир или мировен план. Од претставниците на актуелната власт не се слушаат такви зборови за нивната подготвеност за мировен процес и за преговори“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Папата Франциск ги обвини „лицемерните“ земји кои зборуваат за мир, а истовремено произведуваат оружје, велејќи дека додека луѓето страдаат, ароганцијата на освојувачите победува над дијалогот. Војната во Украина и можната посредничка улога на Анкара во постигнувањето мир – тема на разговорите меѓу шефот на НАТО Руте и претседателот Ердоган во Турција. За утре во Брисел итно е закажан состанокот Украина-НАТО.
Бојана Крстевски
