Македонските ракометни надежи по една декада на ЕП
Оваа генерација на ракометари до 20 години предводена од екс македонскиот репрезентативен голман Зоран Петковски по 10 години севраќа на големата сцена...

Нашите ракометни јуниори во Линц го очекуваат утрешниот почеток и мечот со Шпанија на Европското првенство.
Оваа генерација на ракометари до 20 години предводена од екс македонскиот репрезентативен голман Зоран Петковски по 10 години севраќа на големата сцена.
Во силна конкуренција македонските јуниори имаат тешка задача да го одбранат рејтингот и да го нападнат четвртото место од 2002 година, на генерацијата на Борко Ристовски, Филип Миркуловски, Горан Кузманоски, која со селекторот Илија Темелковски го загуби малото финале од Југославија и го оствари најголемиот успехдосега во оваа возрасна категорија.
Нашите надежи со бекот Филип Талески како најголем адут се наоѓаат во силната А група заедно со актуелниот шампион Шпанија и секогаш квалитетните и силни селекции на Франција и Норвешка.
Зоран Петковски во Австрија на располагање ќе има 17 ракометари, без Ѓорѓи Ивановски и крилото Давор Палевски кој е отстапен на кадетите.
Првиот и единствен тренинг во салата во Траун, нашите младинци го имаат денеска од 17 часот, а утре од 14 часот го отвораат шампионатот во меч со бранителот на тронот и најголем фаворит Шпанија.
В петок во истиот термин се судираат со Франција а в сабота од 18 часот последен ривал во групата ќе им биде Норвешка.
