Македонија

Шефицата на државата верува дека е можен исчекор со Бугарија

25.11.2024 16:27

Комплетиран е новиот состав на комисијата за помилување, утре ќе има конститутивна седница. За претседател ќе биде назначена судијката Милка Ристова. Шефицата на државата Сиљановска – Давкова вели, за решавање на проблемот со блокадата од бугарска страна има поддршка од белгискиот премиер и од вишеградската група. Дали ќе има средба со Макрон во Париз, каде ќе оди на отворањето на реставрираната катедрала Нотр Дам, сè уште не се знае...

Претседателката Силјановска-Давкова идната недела патува за Париз. Од францускиот претседател Макрон добила покана да биде гостинка на отворањето на реставрираната катедрала Нотр Дам. Билатерална средба за двајцата шефови на држави засега не е превидена, но можноста останува отворена.

Во меѓувреме, се договара и официјална посета на бугарскиот претседател Радев на земјава.

За решавање на проблемот со блокадата од бугарска страна имаме поддршка од белгискиот премиер и од вишеградската група, од каде стравуваат дека македонскиот преседан нема да се задржи само на Македонија, вели претседателката Силјановска – Давкова.

Не е пријатно кога ќе слушнете од соговорниците дека за одредени факти со евроинтеграциите и ветото презентирани од нас прв пат слушаат. Во Баку многу смирено му објаснив на бугарскиот претседател Радев дека никаде во договорот меѓу нашите држави не е споменато уставни измени, посочува шефицата на македонската држава и вели дека со нејзиниот бугарски колега на секоја средба разговараат за продлабочување на соработката меѓу државите.

На внатрешен план, по оставката на Комисијата за помилување, избрани се нови членови. Претседател на Комисијата за помилување е д-р Милка Ристова, членови на Комисијата се Оливер Бачановиќ, Александра Груевска – Дракулевски, Блерта Ахмеди, Драгана Батиќ, Афет Мамути и Доан Сулејманоски.

 

Миле А. Ристески