Физичка пресметка меѓу пратениците од власта и опозицијата во српското Собрание
Седницата на Собранието прекината, физичка пресметка меѓу пратениците на владејачката коалиција и опозицијата, се огласи и Вучиќ...

Седницата на Собранието на Србија на која се расправаше за Предлог-буџетот за 2025 година е прекината поради инциденти и физичка пресметка на пратениците од владејачката коалиција и опозицијата.
До инцидентот дојде кога пратениците на владејачката коалиција и на опозицијата дојдоа на говорницата држејќи транспаренти, по што имаше извици, меѓусебно туркање и фрлање хартии и вода, а се слушаа вувузели и свирежи.
Ситуацијата ја смири претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, која ги упати пратениците на нивните места.
Во исто време, дојде до физички конфликт во галеријата на Собранието каде што пратениците од власта го развија транспарентот „Жолтите крадци сакаат војна, Србија сака работа“.
Потоа повторно пред говорницата продолжи туркањето и физичкиот контакт меѓу кои имаше и министри, а потоа и до физичка пресметка меѓу Бојан Торбица од Движењето на социјалистите на Вулин и претседателот на ССП, Драган Ѓилас.
Опозицијата внесе голем бел транспарент со „крвава рака“ во салата, кој го поставија пред говорницата, додека еден пратеник не се обиде да им го грабне транспарентот, по што повторно избувна конфликт.
По смирување на ситуацијата, пратениците од опозицијата го попречуваа презентирањето на Предлог-буџетот на српскиот премиер Милош Вучевиќ на говорницата, кон која пријдоа неколку пратеници кои свиркаа и носеа транспаренти на кои пишуваше „рацете ти се крвави“, по што претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ одреди пауза и ги повика пратеничките групи на консултации.
За хаосот во Собранието се огласи и претседателот Александар Вучиќ.
„Без разлика на тоа што сум загрижен поради дивјачкото однесување на некои пратеници во Народното собрание на Република Србија, секојдневното малтретирање што го вршат низ целата наша држава, сакам да ги смирам граѓаните и да им порачам дека на нивната грубост, невоспитаност и ароганција ќе одговориме со уште повеќе работа во иднина. Тие денес се обидоа да ги спречат пензионерите да ги добијат зголемените пензии и вработените во јавниот сектор нивните зголемени плати. Нема да им пројде. Србија нема да застане“, изјави Вучиќ.
Пред да избие тепачката, беа прифатени оставките на министрите Горан Весиќ и Томислав Момировиќ.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
