Македонија

Системот на Фондот за здравство цел на кибер напад

25.11.2024 18:27

Пораки со лажна содржина по електронски пат во име на ФЗОМ добивале граѓаните. Полицијата превзема мерки. Министерот за информатичко општество вели, ова ќе се случува и во иднина, земјава е геостратешка мета, важно е институциите да реагираат, а граѓаните да бидат запознаети за опасностите на интернет ..

Лажни пораки по електронски пат во име на ФЗОМ им се праќаат на осигурениците – предупредуваат од фондот. Во пораките стои дека наводно осигуреникот треба да добие исплата по основ рефундација на средства по што треба да кликне на одреден линк. Од Фондот предупредуваат граѓаните да не наседнуваат на овие пораки.

„Фондот им укажува на граѓаните да не наседнуваат на ваквите лажни пораки за да не бидат злоупотребени нивните лични податоци и трансакциски сметки и доколку се во можност, да пријават во службата за компјутерски криминал во МВР. Фондот веќе го пријави случајот во МВР“, пишува во соопштението од Фондот за здравствено осигурување.

Во светот, секоја единаесетта секунда цел на кибернапад е институција или агенција. Нема простор за загриженост, ова ќе се случува и во иднина – посочува министерот за информатичко општество и дигитална трансформација, Андоновски. Вели, важно е институциите да реагираат, а граѓаните да бидат запознаени за опасностите на интернет.

„Ова е иднината која ќе ни се случува. Ние сме геостратешка цел на определени фактори на влијание, но и приватните лица и институции што сакаат да предизвикаат кибернапади, тоа ќе го прават и во иднина. Важно е да имаме протоколи на однесување, важно е како ќе се поставиме кон проблемот, дека го препознаваме како проблем и дека пристапуваме кон негово решавање“, вели Андоновски.

Од полицијата потврдија дека до Секторот за компјутерски криминал е пристигната пријава од Фондот за лажни електронски пораки. Велат, ќе бидат преземени сите мерки, а ќе го известат и Основното јавно обвинителство.

 

Андријана Ѓурческа