Почина митрополитот дебарско-кичевски, господин Тимотеј
По кусо боледување денеска на 73-годишна возраст почина митрополитот на Дебарско-кичевската епархија и администратор австралиско сиднејски, господин Тимотеј. Владиката Тимотеј во истовреме ја вршеше и функцијата портпарол на Синодот на Македонската православна црква...

Упокоениот митрополит на Дебарско-кичевската епархија, Господин Тимотеј, и администратор австралиско сиднејски беше роден во Младо Нагоричане, кумановско. Потекнува од благородни родители, Александар и Љуба Јовановски кои од детски години го задоиле својот син Славе со христијанска љубов кон бога. По завршувањето на основното училиште се запишува како редовен ученик во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски, потоа дипломира на Богословскиот факултет во Белград, по што заминува на постдипломски студии на Понтификалниот ориентален институт во Рим каде магистрира со трудот „Култот на Пресвета Богородица во Охрид и охридско“.
Во 1981-та е хиротонисан за архијереј на МПЦ и е назначен за митрополит австралиски при што му била доделена и Дебарско-кичевската епархија со седиште во Охрид. Владиката Тимотеј својата должност ја вршеше мудро, непоколебливо и со голема гордост при што беше познат како добар организатор, градител и возобновувач на цркви и манастири, но и педантен во литургискиот живот, проповед на евангелието за спасение на човечките души.
„Во Светото писмо се вели каде е епископот, таму е и црквата. Секаде каде што служел верниот народ бил околу него, се разбира со самото свештенство и чесното монаштво, еден вид празник на душата, на душите од самите верници со самото присуство на светите архијерејски литургии, коишто ревносно ги служеше и ги правеше во годината повеќе од сто“, вели отец Љупчо Симиџиоски.
Во изминатите 43 години епархијата која ја најде во незавидно ниво, митрополитот Тимотеј придонесе таа да биде една од водечките во МПЦ.
Сашо Нелоски
