Опожарено седиштето на Адвокатската комора, нема повредени
Запалени канцелариите на Адвокатската комора среде ноќ. Противпожарните екипи интервенирале и огнот веднаш бил изгаснат, повредени лица нема...

Запалени канцелариите на Адвокатската комора среде ноќ. Од МВР велат дека во три часот по полноќ бил опожарен деловен простор на Комората. Противпожарните екипи интервенирале и огнот веднаш бил изгаснат, повредени лица нема. Од полицијата велат дека Одделот за форензички испитувања при МВР, јавен обвинител и екипа од СВР Скопје вршат увид на местото. Камерите треба да покажат кој направил упад во објектот.
Од Комората бараат надлежните во најкус можен рок да ги пронајдат сторителите и да ги приведат. Пожарот, кој бил намерно предизвикан, го карактеризираат како чин на насилство и вандализам, како и сериозна закана врз безбедноста и правниот поредок.
„Ваквиот напад не смее да остане неказнет, а одговорните мора да се соочат со последиците од своите дејствија и да бидат најстрого казнети. Комората останува посветена на заштитата на правата на адвокатите, граѓаните, како и на создавање опкружување во кое сите институции ќе можат да работат без страв и загриженост, а притоа правото и правдата ќе останат неприкосновени“ – се додава во соопштението на комората.
Инаку, деловните простории се дел од станбена зграда и пожарот кој бил предизвикан можел да биде фатален.
