Прва задача на Наумовски- посетата на Нимиц на Атина и Скопје

23.07.2014 15:14

Нимиц по последната средба во Њујорк изјави дека се залага за поголема динамика на разговорите околу разликата со името и дека на маса остануваат веќе предложените предлози...

Досегашниот и новиот специјален пратеник за разговорите околу разликата со името во рамките на Обединетите нации, Зоран Јолвески и Васко Наумовски, денеска на средба кај претседателот. Иванов му се заблагодарил на Јолевски за неговиот досегашен ангажман, додека на новиот специјален пратеник Наумовски му било соопштено до каде се разговорите во рамките на ОН. Наумовски ќе му биде претставен на посредникот Метју Нимиц за време на неговата посета на Скопје идната недела.

Новиот амбасадор Васко Наумовски е четвртиот специјален пратеник на претседателот Иванов за разговорите околу разликите со името со соседна Грција.

На последната рунда разговори во Њујорк минатиот мај, Нимиц најави дека ќе го посети регионот, но според се уште неофицијални информации од седиштето на ОН, најпрво ќе ја посети Атина, па потоа Скопје.

Нимиц по последната средба во Њујорк изјави дека се залага за поголема динамика на разговорите околу разликата со името и дека на маса остануваат веќе предложените предлози за заемно прифатливо решение на спорот. Нимиц тогаш потврди дека многу држави се заинтересирани за што побрзо решение што ја кочи евроатлантската интеграција на Македонија, споменувајќи ги САД и германската канцеларка Ангела Меркел.

Меркел неодамна на конференција во Дубровник изјави дека лично ќе се вклучи во решавањето на спорот, дека ги знае сите комбинации за името, но кои не сака да ги соопшти поради можни деманти од двете страни. Ова Меркел го повтори и по 4 денови на годишната конференција во Берлин.

За разликата околу името ќе се разговара и на конференцијата за Западен Балкан којашто по иницијатива на Меркел ќе се одржи на 28 август во Берлин.

Се очекува Наумовски да ја преземе функција амбасадор во септември и како специјален пратеник ќе го придружува претседателот Иванов на Генералното собрание на Обединетите нации кон крајот на септември во Њујорк.

 

Ирина Гелевска