Монструм

Продолжи судењето на обвинетите за насилните протестите

23.07.2014 15:17

Според одбраната, од снимките можело да се виде само приведувањето на обвинетите, но, не и дали учествувале во толпата и дали ги сториле делата за кои се товарат...

Видеоматеријали преземени од дел од телевизиите и интернет порталите беа презентирани во судницата како доказен материјал на обвинителството. Според одбраната, од снимките можело да се виде само приведувањето на обвинетите, но, не и дали учествувале во толпата и дали ги сториле делата за кои се товарат. Очигледно е велат дека припадниците на МВР биле повредени, но, не и од кого.

„Видео снимките кои ги преземнтираа, даваат како се приведуваат, а не дека се сторители на делото, дека тие мавале со камења и со било какви предмети. Така овде останува нешто многу нејасно и тешко ќе може да се утврди правилно фактичката состојба“, изјави Митко Солаков, адвокат на еден од обвинетите.

„Никаде не се кажува, а ниту на снимката може да се види, а ние тоа во вторник ќе го докажеме, дека тој седел во чајџилница и излегол да си го препаркира возилото, а тој дел од снимакта го нема“, изјави Љупчо Веселиноски, адвокат на еден од обвинетите.

Од единаесетемина припадници на МВР, тројца сведочеа каде и како привеле лица од толпата, осумина пак каде и како биле повредени од железните огради, дрвата и камењата што протестантите ги фрлале кон нив. Никој не можеше да каже дали обвинетите се лицата што ги привеле или пак, дали се лицата од кои биле повредени.

Од сослушаните сведоци предложени од обвинителството, претежно припадници на МВР коишто биле потешко повредени побараа оштета, оние со полесни повреди се откажаа.

Судењето ќе продолжи на 29 месецов кога ќе бидат сослушани и сведоците на одбраната.

Фиљана Кока