Култура

„Европски месец на креативноста“ во КИЦ

26.11.2024 08:45

Под наслов „Нови генерации“ вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложба на учениците од сликарски и вајарски оддел од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ под менторство на професорите Ѓорѓи Томовски, Елена Дуковска, Сокол Цфарку и Дејан Иванов-Маргуш.

„Европски месец на креативноста“ ќе се одржи од денеска до четврток во Културно-информативен центар во Скопје. Под наслов „Нови генерации“ вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложба на учениците од сликарски и вајарски оддел од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ под менторство на професорите Ѓорѓи Томовски, Елена Дуковска, Сокол Цфарку и Дејан Иванов-Маргуш. На изложбата учениците ќе се претстават со скулптури, мозаици и цртежи, а поставката ќе биде отворена до 13-ти декември.

Во Салон 19,19 утре во 12 часот ќе се одржи музичко-едукативна работилница со млади уметници-пијанисти и професори од Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ и Факултетот за музичка уметност од Скопје. Модератор е пијанистката проф. м-р Даница Стојанова.

Во четврток во продажниот ликовен салон на КИЦ ќе се одржи ликовна креативна работилница со учениците од четврта година од „Лазар Личеноски“ под менторство на Иванов-Маргуш. Целиот настан е во рамките на европскиот проект CreArt и поддржан од Град Скопје.