БЛИСКИ ИСТОК

На повидок примирје меѓу Израел и Хезболах

26.11.2024 09:32

Ден на одлука во Израел за прекин на огнот со Хезболах. Во Главниот штаб на израелските одбранбени сили во Тел Авив состанок на израелскиот безбедносен кабинет. И Либан и Израел се согласни дека не остануваат сериозни пречки за спроведувањето на американскиот предлог за 60-дневно примирје.

Ден на одлука во Израел за прекин на огнот со Хезболах. Во Главниот штаб на израелските одбранбени сили во Тел Авив состанок на израелскиот безбедносен кабинет. И Либан и Израел се согласни дека не остануваат сериозни пречки за спроведувањето на американскиот предлог за 60-дневно примирје. Од Белата куќа и од Стејт Департментот потврдија дека разговорите одат во добар правец. САД ќе го предводат меѓународно тело кое ќе го надгледува спроведувањето на договорот.

„Ова беше неверојатно фрустрирачки процес, постигнување прекин на огнот и дипломатско решавање на конфликтот во Либан, а исто така и многуте рунди преговори за постигнување прекин на огнот во Газа. Многу пати мислевме дека ќе стигнеме до ДА, и во двата случаи и од различни причини, страните не стигнаа до таму“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Според израелските власти, договорот ќе го остави Хамас изолиран и ќе ги зголеми шансите за постигнување договор за ослободување на заложниците кои сè уште се во Појасот Газа. Министрите за надворешни работи на Г7 изразија оптимизам.

„Можеби сме блиску до прекин на огнот во Либан, да се надеваме дека е вистина, а во последен момент нема враќање назад. Малку е покомплицирано во Газа, но сите сакаме да работиме за да ја постигнеме оваа цел“, рече Антонио Тајани, министер за надворешни работи на Италија.

На терен интензивирана размената на оган. Израелската армија изврши нови напади врз Бејрут и јужен Либан. Сирени се огласија во заедниците во близина до израелската северната граница. Во Обединетите Нации, САД и Обединетото Кралство го осудија насилството на Блискиот Исток и го повикаа Израел да стори повеќе за да ги заштити цивилите и во Газа и на Западниот Брег.

„Додека се соочуваме со огромни предизвици во Газа, сведоци сме и на се поопасната динамика што се развива на окупираниот Западен Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим. Насилството продолжи на алармантно ниво“, изјави Муханад Хади, координатор на ООН за блискоисточниот мировен процес.

„САД остануваат против предлозите за анексија на Западниот Брег или изградба на израелски населби во Газа, кои, доколку се спроведат, би биле неусогласени со меѓународното право“, рече Роберт А. Вуд, заменик-амбасадор на САД во ООН.

„Ни треба многу подобра заштита на цивилите во Газа, поголема помош и Обединетите Нации и хуманитарците да можат да работат безбедно“, истакна Барбара Вудворд, амбасадор на Велика Британија во ООН.

Војната на Блискиот Исток почна на 7-ми октомври лани откако Хамас изврши напад врз Израел.

 

Маријана Димовска