ССМ и работодавците со поддршка за предложените измени
Новите решенија се очекува да придонесат за намалување на невработеноста и за елиминирање на сивата економија...

Доброволнотo продолжување на работниот век за една, две или три години ќе биде од корист и за работниците и за компаниите, оценуваат од бизнис – секторот. Првите ќе продолжат да заработуваат за себе и за своето семејство, вторите ќе ја задржат квалитетната и искусна работна сила.
„Сега имаат можност на легален начин да продолжат да работат, бидејќи нивното искуство е од непроценливо значење за компаниите. Работниците кои имаат знаења и искуства се добредојдени и треба да останат во компаниите“, изјави Миле Бошков, претседател на Бизнис - конфедерацијата на Македонија.
Зад предложените измени застана и Синдикатот. Оттаму со очекување – поголем дел од работниците да ја искористат оваа шанса.
„Очекуваме во делот на текстилната и металската индустрија, како и во градежништвото, работниците да го искористат правото побрзо да заминат во пензија, додека во оние гранки и професии каде што има дефицит од кадар, сметаме дека работниците ќе си го продолжат работниот век“, изјави Живко Митревски, претседател на ССМ.
Новите решенија се очекува да придонесат за намалување на невработеноста и за елиминирање на сивата економија. Сепак, работодавците имаат нејаснотии околу исплаќањето придонеси за здравствено и пензиско осигурување за ангажираните преку авторски или договори на дело. Бараат одредени детали да се допрецизираат.
„Треба повторно, подетално да се договориме со Владата и со социјалните партнери, бидејќи тие договори можат неколкупати да се повторат во текот на месецот, и затоа треба да се праша колку пати ќе се плаќаат придонеси за тие износи“, изјави Миле Бошков, претседател на Бизнис - конфедерацијата на Македонија.
„Со ова ќе се елиминираат злоупотребите што дел од работодавците ги правеа кај овие авторски или договори на дело, каде што често се изигруваше и договореното за мининалната плата“, изјави Живко Митревски, претседател на ССМ.
Законските измени предвидуваат, оние што сакаат да продолжат да работат, да се изјаснат до 31 август тековната година.
Мартин Пушевски
