Прекин на огнот

Ден на одлука во Израел

26.11.2024 10:57

Израелскиот кабинет за национална безбедност денеска на состанок за договорот за прекин на огнот со Хезволах. И Либан и Израел се согласни дека не остануваат сериозни пречки за спроведувањето на американскиот предлог за 60-дневно примирје. Од Белата куќа потврдија дека разговорите одат во добар правец. На фронтот, интензивирана е размената на оган. Обединетите нации бараат поголема заштита на цивилите во газа и на Западниот Брег...

Ден на одлука во Израел за прекин на огнот со Хезболах. Во Главниот штаб на израелските одбранбени сили во Тел Авив состанок на израелскиот безбедносен кабинет. И Либан и Израел се согласни дека не остануваат сериозни пречки за спроведувањето на американскиот предлог за 60-дневно примирје. Од Белата куќа и од Стејт Департментот потврдија дека разговорите одат во добар правец. САД ќе го предводат меѓународно тело кое ќе го надгледува спроведувањето на договорот.

„Ова беше неверојатно фрустрирачки процес, постигнување прекин на огнот и дипломатско решавање на конфликтот во Либан, а исто така и многуте рунди преговори за постигнување прекин на огнот во Газа. Многу пати мислевме дека ќе стигнеме до „ДА“, и во двата случаи и од различни причини, страните не стигнаа до таму“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Според израелските власти, договорот ќе го остави Хамас изолиран и ќе ги зголеми шансите за постигнување договор за ослободување на заложниците кои сè уште се во Појасот Газа. Министрите за надворешни работи на Г7 и ЕУ изразија оптимизам.

„Нема оправдување за неспроведување на договорот за прекин на огнот. Се надевам дека владата на Нетанјаху ќе го прифати предложениот договор без оправдувања и без дополнителни услови и ќе ги запре војните, убивањето цивили и ќе почне да мисли на мир“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

На терен интензивирана размената на оган. Израелската армија изврши нови напади врз Бејрут и јужен Либан. Сирени се огласија во заедниците во близина до израелската северната граница. Во Обединетите Нации, САД и Обединетото Кралство го осудија насилството на Блискиот Исток и го повикаа Израел да стори повеќе за да ги заштити цивилите и во Газа и на Западниот Брег.

„САД остануваат против предлозите за анексија на Западниот Брег или изградба на израелски населби во Газа, кои, доколку се спроведат, би биле неусогласени со меѓународното право“, изјави Роберт А. Вуд, заменик-амбасадор на САД во ООН.

„Ни треба многу подобра заштита на цивилите во Газа, поголема помош и Обединетите Нации и хуманитарците да можат да работат безбедно“, изјави Барбара Вудворд, амбасадор на Велика Британија во ООН.

Војната на Блискиот Исток почна на 7-ми октомври лани откако Хамас изврши напад врз Израел.

 

Маријана Димовска