РОМАНИЈА

Романската политичка сцена претрпе вистински шок по првиот круг избори за шеф на државата

26.11.2024 12:41

Романската политичка сцена претрпе вистински шок по првиот круг избори за шеф на државата. Моќта на социјалниот медиум тик-ток речиси без кампања како победник го исфрли Калин Георгиеску, краен десничар кој се противи на одлуките на НАТО и на ЕУ. Лидерот на социјалдемократите и актуелен премиер Марсел Чиолаку мораше да поднесе оставка на партиската функција откако отпадна нивниот кандидат инаку фаворит на хартија. Либералот Елена Ласкони од „Спас на романското единство“ е противкандидатот на Георгиеску во вториот круг на 8-ми декември …

Тик-ток, тик-ток … Отчука часовникот за лидерот на романските социјалдемократи. Прва жртва на контроверзниот социјален и глобален медиум кој предизвика политички турбуленции во Романија беше премиерот кој мораше да поднесе оставка на партиската функција.

„До генералниот секретар ноќеска ја поднесов оставката на партиската функција. Нема да ја коментирам, тоа е унилатерален чин. И нема да се кандидирам веќе ниту за една позиција во партијата“, изјави Марсел Чиолаку, премиер на Романија и лидер на социјалдемократите во оставка.

Калин Георгеску, агроном и ветеринар, но и долгогодишен политичар, е непријатното изненадување на Букурешт за Брисел во првиот круг претседателски избори во време кога Европскиот парламент гласа за прием на Романија и на Бугарија во ексклузивната шенген-зона.

Во центарот на Букурешт протест на студентите, не се откажуваат од НАТО и од Европската унија и од стекнатите слободи.

Георгеску ги демантира етикетирањата за несогласување со европскиот блок, не и за НАТО и за помошта за Украина, иако Романија е важен чинител во одбраната на источното крило на алијансата. Тој во изјавите потсетува на американскиот претседател Трамп.

„Единствената позиција на романскиот народ е само една, тој е на првото место. Ме обвинуваат за екстремизам, за врски со поблиски или подалечни земји. Лага. Целосно сум посветен на романскиот народ“, изјави Калин Георгеску, независен кандидат за претседател на Романија.

Така не мисли и либералката и противкандидатката во вториот круг Елена Ласкони, која употреби тешки зборови поврзувајќи го Георгеску со шефот на Кремљ.

„Денеска се разбудивме во истата историска спротивставеност меѓу минатото и иднината, меѓу одржувањето на демократијата и путинизмот, меѓу љубовта за земјата и оние кои ја водат кон руското влијание. Романците десетпати ја одбиле руската инвазија досега и пак ќе ја одбиеме“, изјави Елена Ласкони, лидер на спас на романското единство.

На Георгеску ќе му биде повеќе од тешко да победи во вториот круг на осми декември, либералите и социјалдемократите освоија вкупно 38, наспроти 23-те насто на независниот кандидат. Но, изборите во Романија се ново бреме за Унијата, судир меѓу обединувањето и националното.

 

Зоран Богатинов