Скопје

Нафтата во ЈСП се троши, Владата повторно ќе интервенира ако не успее тендерот

26.11.2024 16:32

Инфузија за јавниот градски превоз во Скопје. ЈСП доби шест еколошки автобуси од Европската унија. Арсовска ги повика советниците да кренат рака за набавка на уште 250, а премиерот Мицкоски да го исполни ветувањето за нови автобуси. Таа нема да бара втор мандат. Нафтата се троши, ЈСП сè уште се покрива од државните резерви.

Станува збор за едноподни автобуси на компримиран природен гас, со двегодишна гаранција која вклучува сервисирање и резервни делови. Во сообраќај ќе се вклучат на најфреквентните градски линии за околу една недела.

Скопје не е единствен град кој е дел од овој проект на ЕУ, опфатени се и Куманово, Тетово и Битола како најзагадени градови.

Додека ги чекаме новите да се вклучат во сообраќај, старите ја трошат нафтата од државните резерви. Градоначалничката Арсовска вели дека постапката за јавната набавка на гориво е во тек, но, ако нема пријавени, повторно ќе се интервенира од резервите.

Власта тврди дека веќе се разгледуваат можностите за набавка на 100 до 120 електрични автобуси. Тендерот треба да биде распишан до крајот на годинава.

Хаосот со јавниот градски превоз со месеци го мачи Скопје и повод за кавги меѓу Арсовска и советниците. Градоначалничката потврди дека не планира да бара нов мандат.

 

Александра Велинова