Во Брисел состанок меѓу амбасадорите на НАТО и Украина
Русија ја нападна Украина со рекорден број дронови. Оштетена критичната инфраструктура. Во Брисел, состанок на амбасадорите на НАТО со дипломатите на Киев, откако Москва истрела хиперсонична ракета со среден дострел...

Нови масовни руски напади со дронови и крстосувачки ракети ги вклучија сирените низ Украина. Москва продолжува со притисокот врз Киев. Тврдат дека презеле контрола врз населба во Харков и собориле речиси 40 украински дронови. Експлозии одекнаа и во Суми.
„Бев дома, тоа беше експлозија којашто ме издигна на носе. Велат удрила на паркингот и градинката“, изјави жител на Суми.
Зеленски вети дека Русија ќе добие одговор за сè што прави.
„Дефинитивно ќе и одговориме на Русија за сè што прави. Од клучно значење е овие напади, секој од нив, да не останат без одговор“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Наспроти жестоките борби на фронтот, во Брисел состанок НАТО-Украина. Тема на разговори-руската хиперсонична ракета „Орешник“. Додека претставниците изнаоѓаат решенија за заканата од Москва, во руската дума велат-ракетата е штитот на нашата земја.
„Ова е штитот на нашата татковина, оружје што го одржува мирот низ целиот свет, да им се заблагодариме на развивачите“, изјави Вјачеслав Володин - претседател на Руската државна дума.
Во истовреме, парламентарното собрание на НАТО повика Украина да биде прифатена во Алијансата што е можно поскоро. Во Европскиот парламент пак-дебати за зголемување на поддршката на ЕУ за Киев.
„Знаеме дека Русија ја стави целата своја економија на воена основа и бара воена поддршка од Северна Кореја и Иран, како и од Кина. Затоа, треба да ја засилиме нашата помош“, изјави Дидие Рејндерс - европскиот комесар за правда.
Сигнали за поддршка пристигнаа и од самитот Г7 во Италија, сепак, Британија останува на ставот дека засега нема да испраќа војници на фронтот во Украина, додека Германија не планира достава на ракети со долг дострел.
Бојана Крстевски
