Жена е четвртата жртва на бактеријата листерија
Засега нема нови пријавени случаи...

55-годишна пацинетка повеќе од еден месец била на интензивна нега. Таа е четвртата жртва на оваа бактерија, од вкупно седум регистрирани случаи.
„Не станува забор за пропусти во должината на претходната постапка или задоцнето лекување бидејќи уште во старт станува збор за тешки случаи на клинички менигитис“, вели д-р Звонко Миленковиќ, дирекрот на Клиниката за инфективни болести.
Засега нема нови пријавени случаи. Новороденчето кое 12 дена го лекуваат на Детската клиника е во добра состојба. Многубројните анализи што биле направени, навреме ја откриле бактеријата. Женското бебе од Куманово, два дена по раѓањето било испратено во Скопје.
„Вчерашните анализи покажаа дека во крвта нема листерија, што значи дека сме го постигнале ефектот со антибиотиците. Вчера направивме комплетна евалуација и кај мајката испитавме сѐ, иако мајката добро се чувствува“, изјави проф. д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести.
Министерството за здравство алармирало до сите здравствени институции во државата сите потешки случаи на менигитис да се праќаат во Скопје.
„Утрово до Институтот за јавно здравје се пристигнати 100 мостри од месните индустрии и по 20 –тина мостри од млеко за доенчиња и млечни производи. Мостри ќе се земаат и во наредните денови. Досега има резултати од две мостри, негативни“, вели д-р Јованка Костовска од министерството за здравство.
Лекари ги посетиле семејствата каде што имало заболени од листерија. Некои роднини на пацинетите од бактеријата имале само стомачни проблеми и дијареја. Лекарите правеле и анкета од кој производител купувале месо и млеко и нивни преработки. За двајца од пациентите постои сомнеж декадобиле листерија од сувомесни производи.
Наташа Јанчиќ
