Почнува окрупнување на нивите во село Чифлик
Ќе се окрупнуваат нивите во село Чифлик. Повеќето земјоделци се согласија да се направи нова и ефикасна прераспределба на малите парцели во поголеми блокови. Парите се обезбедени преку европскиот ИПА фонд и од Меѓународната организација за храна-ФАО …

Мнозинството земјоделци од село Чифлик, општина Чешиново – Облешево го усвоија планот за распределба на земјиштето. Консолидацијата е дел од проектот на европскиот ИПА фонд и ФАО, со вкупен буџет од 1.2 милиони евра, за окрупнување на повеќе од 1.200 на само 450 земјоделски парцели.
Со следната фаза новоформираните ниви ќе се регистрираат во Катастарот на недвижности.
Се планира и подобрувања на пристапните патишта, изградба на нови, и развој системите за наводнување и одводнување.
Со претходниот проект за консолидација „Меинланд“ окрупнети се земјишни парцели во 9 подрачја: Конче, Егри, Логоварди, Оптичари, Трн, Дабјани, Кожле, Соколарци и Спанчево.
Создадени се нови, поголеми парцели со површина од 3.000 хектари, а бенефит во работењето имаат повеќе од 2.500 земјоделци.
Во консолидациските подрачја е планирана изградба и рехабилитација на 54 километри пристапни патишта, поставување и поправки на 67 километри одводна и 3 километри нова мрежа за наводнување на земјоделските површини.
Методија Трајков
