Израел и Хезболах постигнаа привремено примирје
Прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах стапи на сила, но до последен момент му претходеа силни експлозии во Бејрут. Договор подразбира запирање на борбите на два месеца. Израел треба да ги повлече своите војници од јужен Либан, а Хезболах на околу 30 километри северно од израелско-либанската граница...

Стапи во сила привремениот прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах. Нетанјаху вели целите се постигнати, а трите главни причини за негово прифаќање се иранската закана, регрупирањето на израелската армија и изолацијата на Хамас, кој ќе биде под уште поголем притисок да ги ослободи заложниците откако ќе ја нема поддршката од Хезболах. Најави дека силно ќе одговорат доколку милитантите се обидат да ги нападнат или да го реорганизираат процесот на обнова на оружјето.
„Хезболах повеќе не е ист, значително го ослабевме, го вративме децении назад. Го елиминиравме Насрала, како и сите нивни водачи. Уништивме голем дел од ракетите, илјадници терористи и подземната инфраструктура во близина на нашите граници. Но, мирот ќе зависи од тоа што ќе се случи. Ако продолжат да копаат тунели и да лансираат ракети, повторно ќе нападнеме“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
САД и Франција-главните посредници на договорот, го поздравија прекинот на огнот. Сметаат дека ќе биде добра основа за спроведување и на примирјето со Хамас во Газа.
„Ова е дизајнирано да биде траен прекин на непријателствата. На тоа што остана од Хезболах нема да му биде дозволено повторно да ја загрози безбедноста на Израел. Во текот на следните 60 дена либанската армија и државните безбедносни сили ќе се распоредат и повторно ќе ја преземат контролата врз сопствената територија, додека Израел постепено ќе ги повлече своите преостанати сили. И цивилите од двете страни наскоро ќе можат безбедно да се вратат во своите заедници“, изјави Џозеф Бајден -претседател на САД.
„Овој договор, исто така, мора да го отвори патот за долгоочекуваниот прекин на огнот во Газа, не смееме да заборавиме дека војната таму продолжува, како и нашите напори за ставање крај на непријателствата“, изјави Емануел Макрон -претседател на Франција.
Раселените Израелци од северот изразија сомнеж, велат – не се чувствуваат безбедни за да се вратат во своите домови.
„Договорот не ме прави сигурен и не сум подготвен моето семејство да го вратам дома“, изјави Ној Фридман -раселена Израелка од северот.
„Мислам дека не е безбедно да се вратиме во нашите домови, Хезболах е сè уште блиску до нас и остануваме цел на секој нивни проектил“, изјави Маргарет Шемтов – раселена Израелка од северот.
Либанските бегалци, пак, договорот го дочекаа со радост.
„Нашата радост е голема. Крвта сè уште е на земја, но благодарение на оваа крв ќе се вратиме во нашите села и во нашата земја“, изјави Камал ал-Хаџ Али – раселен Либанец.
„Среќни сме што ќе се вратиме во нашата татковина на југот“, изјави Хала Саид – раселена Либанка.
Задоволство за привременото примирје изрази и либанскиот премиер Наџиб Микати, рече дека тоа е фундаментален чекор кон воспоставување смиреност и стабилност во Либан. Непосредно пред договорот да стапи во сила и двете страни разменија оган преку сината линија.
Бојана Крстевски
