Руско - украински конфликт

Киев повторно цел на руски дронови

27.11.2024 09:20

Москва го продолжува притисокот врз Украина откако синоќа лансираше рекорден број беспилотни летала...

Киев повторно цел на руските дронови. Повредени се три лица, соопштија украинските власти. Москва го продолжува притисокот врз Украина откако синоќа лансираше рекорден број беспилотни летала.

Од друга страна, Русија соопшти дека нивните сили собориле 22 украински беспилотни летала над руска територија. Американскиот државен секретар Блинкен изјави дека поддршката за Украина мора да остане силна бидејќи таа се бори, не само за својата безбедност, туку и за сите земји од западот. Рече дека САД ќе направат сè за да го испратат преостанатиот дел од помошта за Киев.

Интензивираните руски напади се доказ дека руските амбиции се целосно одвоени од какви било идеи за вистински мир, соопшти Зеленски.

„Ова беше голема ескалација на притисокот врз Украина преку такви акти на терор. И од клучно значење е да успееме да го заштитиме нашиот народ и нашата инфраструктура од повеќето закани. Нападите од Русија се можни само затоа што ги заобиколуваат санкциите преку разни шеми. Благодарни сме на сите во светот кои ги блокираат таквите испораки, но треба повеќе да работиме заедно за тие да функционираат, принудувајќи ги да ја прекинат оваа војна“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.