Администрација

Мицкоски: Се залагам за деполитизирана администрација, клучни ќе бидат стручноста и посветеноста

27.11.2024 11:07

Во Скопје дијалог за политиките на високо ниво за јавната администрација во Западен Балкан. Брзото темпо на технолошки напредок и зголемените очекувања на граѓаните бараат преиспитување на начинот на испорака на јавните услуги. Од Нова година, Владата почнува пилот-проекти за кратења во одделни сектори во јавната служба, но и побрзи услуги за граѓаните...

Се залагам за деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста. Ќе ги зајакнеме механизмите за надзор и отчетност. Секој граѓанин има право да знае како и каде се трошат јавните средства. Сакаме јавна администрација која ќе биде пример за ефикасност, транспарентност и отчетност. Јавна администрација која нема да биде само сервис за граѓаните, туку и партнер во градењето на идните мерки и чекори, истакна премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на годишната министерска конференција на Регионалното училиште за јавна администрација. Конференцијата е посветена на темата „Идна генерација на управување и иновации во јавната администрација“.

Зборуваме за една важна тема, што со годините многу малку била предмет на студиозна анализа, ниту пак на еден професионален пристап, а тоа е администрацијата и мерките што треба да се преземат за поголем квалитет на услугите, но и иновациите како важен предизвик на тој план, рече Мицкоски.

Истакна дека ова е тема којашто не само што го одредува квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните, туку и го обликува лицето на државата.

Во изминатиот период, сите сме сведоци на предизвиците со кои се соочува администрацијата. Бавни процеси, недостаток на дигитализација, понекогаш и недоволна транспарентност. Но и партизацијата која е отворен проблем, исто како и недоволната компетентност визави приватниот сектор. Овие проблеми не можеме да ги игнорираме – тие се реални и за нив треба да се најдат решенија, нагласи премиерот.

Зборувајќи за дигитализација на услугите, премиерот рече дека ќе се обезбеди што е можно повеќе услуги да бидат достапни онлајн, со еден клик за да се намали времето за чекање и зголеми задоволството на корисниците.

Мицкоски говореше и за ефикасноста и професионалноста, како и за транспарентноста и отчетноста, намалувањето на бирократијата, вреднувањето на трудот како поставени цели.

Администрацијата треба да биде партнер, а не пречка за граѓаните и бизнисите. Работиме за поедноставување на процедурите и намалување на непотребните документи. Потребен е систем за наградување на оние што работат вредно и чесно, за да ги мотивираме сите вработени во администрацијата да се стремат кон извонредност, подвлече премиерот.