Стапи на сила привремениот прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах
По една година војна меѓу Израел и Хезболах, во Либан генерално оружјето молчи, но предупредувачки истрели сè уште се слушаат. Со посредство на САД прекинот на огнот стапи на сила во утринските часови. Израелските премиер Нетанјаху остро го предупреди Хезболах да се придржува до договорот.

Неколку часа откако стапи во сила привремениот прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах, војската на Тел Авив отвори оган во пограничните села на Либан врз автомобили кои се приближиле кон забранетата зона. Либанските медими пишуваат дека повратниците ги игнорираат наредбите и брзаат да се вратат во областите каде што се уште се присутни израелските трупи.
„Јас сум од југот. Истрчав штом го објавија прекинот на огнот на патот кон дома. Тоа е неописливо чувство“, вели Јусеф Трад, раселен Либанец.
Нетанјаху претходно изјави дека ќе одговори на секоја закана. Додаде дека ги постигнале целите и верува оти притисокот врз Хамас за ослободување на заложниците ќе биде уште поголем откако ќе ја немаат поддршката од Хезболах.
„Хезболах повеќе не е ист, значително го ослабевме, го вративме децении назад. Но, мирот ќе зависи од тоа што ќе се случи. Ако продолжат да копаат тунели и да лансираат ракети, повторно ќе нападнеме“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
САД и Франција, главните посредници на договорот, тврдат дека тој е направен да донесе траен прекин на непријателствата, но и дека е добра основа за спроведување на примирјето и со Хамас.
„Во текот на следните 60 дена либанската армија и државните безбедносни сили ќе се распоредат и повторно ќе ја преземат контролата врз сопствената територија, додека Израел постепено ќе ги повлече своите преостанати сили. И цивилите од двете страни наскоро ќе можат безбедно да се вратат во своите заедници“, изјави американскиот претседател, Џозеф Бајден.
„Овој договор, исто така, мора да го отвори патот за долгоочекуваниот прекин на огнот во Газа, не смееме да заборавиме дека војната таму продолжува, како и нашите напори за ставање крај на непријателствата“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Хамас го поздрави прекинот на огнот. Соопштија дека се подготвени за примирје во Газа, обвинувајќи го Израел за попречување на договорот. Во енклавата- чувствата измешани..
„Притисокот ќе биде поголем врз Газа, Нетанјаху ќе се справи со фактот дека Газа остана сама и далеку од сите арени што ја поддржуваа, особено либанскиот фронт“, вели Мамдух Јонис, раселен од Рафа.
„Се согласуваат на прекин на огнот на едно место, а на друго не? Аман, смилувајте се!“, рече Ахлам Абу Шалаби, раселен од Газа.
Задоволство за привременото примирје изрази и либанскиот премиер Наџиб Микати, рече дека тоа е фундаментален чекор кон воспоставување смиреност и стабилност во Либан. По прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах, Јордан и Турција повикаа на прекин на војната и во Газа.
Бојана Крстевски
