министерска конференција

Минчев домаќин на годишната министерска конференција на ReSPA во Скопје

27.11.2024 12:22

На конференцијата присуствуваа министри за јавна администрација од земјите членки на ReSPA, како и високи претставници на Европската комисија и други важни партнери...

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, е домаќин на годишната министерска конференција на ReSPA, посветена на темата „Идна генерација на управување и иновации во јавната администрација“.

На конференцијата присуствуваа министри за јавна администрација од земјите членки на ReSPA, како и високи претставници на Европската комисија и други важни партнери.

Дополнителна вредност на конференцијата придонесе присуството и обраќањето на Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицковски, кој ја потврди поддршката и заложбата на Владата насочена кон реформите во јавната администрација.

Во своето обраќање, министерот Минчев ја истакна значајната улога на јавната администрација како двигател на развојот и процесот на интеграција во Европската унија. Тој нагласи дека реформите во јавната администрација се клучни за постигнување ефективни, ефикасни и инклузивни јавни услуги. Во оваа насока, тој ја презентираше новата Стратегија за реформа на јавната администрација на Република Македонија, која се надоврзува на претходните стратегии и содржи иновативни алатки за следење на спроведувањето на реформските иницијативи.

Министерот Минчев исто така ја истакна и важноста на дигитализацијата во модернизацијата на јавниот сектор, наведувајќи дека во Република Македонија се реализираат значајни проекти за е-управа, како и за унапредување на системите за управување со архиви и евиденција кои се во целосна согласност со стандардите на Европската унија и се насочени кон подобрување на транспарентноста и ефикасноста на јавната администрација.

Фокусот на конференцијата беше панел дискусијата на министерско ниво, при што министерот Минчев ја нагласи потребата од создавање култура на иновации и постојано подобрување во јавниот сектор. Тој исто така ги поздрави регионалните иницијативи на ReSPA, кои обезбедуваат можности за зголемување на капацитетите на јавните службеници и поттикнување на реформи преку размена на искуства и најдобри практики помеѓу земјите на Западен Балкан.

Дополнително, тој во своето излагање потенцира дека за Република Македонија, реформите во јавната администрација се стратегиски приоритет, и дека земјата ќе продолжи да работи на модернизацијата на јавниот сектор преку иновации и дигитализација, со цел да обезбеди поефикасни и поинклузивни услуги за сите граѓани.

На конференцијата беа доделени „2024 Награди за јавна администрација на Западен Балкан“.