Евроинтеграции

Земјите од Западниот Балкан ќе се приклучат на Унијата кога ќе бидат подготвени

27.11.2024 13:00

И новиот состав на Европската комисија останува на ставот – земјите од Западниот Балкан ќе се приклучат на Унијата кога ќе бидат подготвени, а оценките ќе бидат врз основа на заслуги. Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен најави реформи и внатре во Унијата за нејзиното проширување.

Европската безбедност секогаш ќе биде приоритет на оваа Европска комисија. Борбата за слобода не се однесува само на 27 земји-членки, туку и на сонот за Европа да се проширува и на Западниот Балкан, Украина, Молдавија-изјави староновата претседателка на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен во Европскиот парламент во Стразбур.

Земјите од Западен Балкан ќе се приклучат на ЕУ кога ќе бидат подготвени, а оценките ќе бидат врз основа на заслуги, посочи Фон дер Лајен. Најави реформи и внатре во Унијата за прифаќање нови земји-членки.

„Ја видовме посветеноста на Западниот Балкан да се реформира, да расте и да се подготви за приклучување во ЕУ. Европската посветеност кон овие држави секогаш ќе биде посилна. Нека нема дилема, ќе се подготвиме со реформите на наша страна и ќе ги поддржуваме овие земји на секој чекор напред врз основа на процес на заслуги, додека не бидат подготвени да се приклучат на нашата Унија“, изјави Фон дер Лајен.

Новата Европска комисија ќе биде комисија за иновации за да се стигнат САД и Кина. Засилување на економската независност со европски добавувачи. Во првите сто дена ќе има зелен договор за декарбонација на Европа, бел пејпер за иднината на европската одбрана со поголемо вложување и индустрија со сопствени капацитети.

Ирина Гелевска