Втора етапа за Мајка
17-тата етапа на 101-от Тур Д Франс беше една од пократките: 124,5 километри но и екстремно тешка со 3 ридски цели од прва и едно искачување на целта во Пла Д Адет од екстра категорија. Го загубија Контадор, но возачите на Тинкоф Саксо продолжија со успешните настапи.

17-тата етапа на 101-от Тур Д Франс беше една од пократките: 124,5 километри но и екстремно тешка со 3 ридски цели од прва и едно искачување на целта во Пла Д Адет од екстра категорија. Го загубија Контадор, но возачите на Тинкоф Саксо продолжија со успешните настапи. По голема битка на секој километар, до втор етапен триумф стигна Рафал Мaјка откако на 2 километри до крајот успеа да се одлепи од Висконти и да ја мине целта со 29 секунди предност пред велосипедистот на Мовистар и 46 секунди пред феноменалниот лидер во генералниот поредок Винченцо Нибали, кој уште еднаш демонстрира класа во однос на конкурентите за севкупен триумф.
Групата на жолтата маичка долго се држеше заедно, но на 5 километри пред целта возачот на Астана повторно нападна, чиста демонстрација на моќ и им додаде дополнителни секунди на оние што беа најблиску до него во генералниот пласман.
Алехандро Валверде сега е на 5 минути и 26 секунди, а Тибо Пино на точно 6 минути. Ако не се случи нешто непредвидено нема дилеми дека победничкото шампанско на елисејските полиња в недела е резервирано за Нибали, иако утрешната 18-та етапа го носи искушението Турмале на 2115 метри надморска височина. Потоа до крајот ќе останат уште три етапи, 19-тата рамничарска, 20-тата хронометарска и 21-та во Париз, вообичаено парадна.
