Евроинтеграции

Кос: Забрзување на евроинтегративниот процес по уставните измени

27.11.2024 15:07

Очекуваме Северна Македонија да ги направи уставните промени, а потоа да го забрзаме процесот, изјави новата еврокомесарка за проширување Марта Кос...

Очекуваме Северна Македонија да ги направи уставните промени, а потоа да го забрзаме процесот, изјави новата еврокомесарка за проширување Марта Кос по изборот на новата Европска комисија во Стразбур. Запрашана дали ова ќе биде последно барање од Бугарија, Кос одговори дека на тоа не може да даде одговор. За да се реши блокадата на интеграцијата на земјава нагласи дека треба повеќе разговори со Софија.

„Да се зборува, што е можно повеќе, и со Северна Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален пролем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ, и секако што е најдобро за Северна Македонија“, изјави Кос.

И шефицата на Европската комисија, Фон дер Лајен при изборот во Европскиот парламент повтори дека земјите од Западниот Балкан ќе станат членки на ЕУ кога ќе бидат подготвени со оценки според заслуги.

„Ја видовме посветеноста на Западниот Балкан да се реформира, да расте и да се подготви за приклучување во ЕУ. Европската посветеност кон овие држави секогаш ќе биде посилна. Нека нема дилема, ќе се подготвиме со реформите на наша страна и ќе ги поддржуваме овие земји на секој чекор напред врз основа на процес на заслуги, додека не бидат подготвени да се приклучат на нашата Унија“, изјави Фон дер Лајен.

Новата Европска комисија ќе биде комисија за иновации за да се стигнат САД и Кина. Засилување на економската независност со европски добавувачи. Во првите 100 дена ќе има зелен договор за декарбонизација на Европа, бел пејпер за иднината на европската одбрана со поголемо вложување и индустрија со сопствени капацитети.

 

Ирина Гелевска

 

Фото: Европски парламент