Израелската војска ги предупреди цивилите да не се враќаат во своите домови во јужен Либан
По една година војна меѓу Израел и Хезболах, во Либан генерално оружјето молчи. Раселените лица се враќаат во своите домови. Израелската влада остро го предупреди Хезболах да се придржува до договорот...

Договорот за привремен прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах стапи во сила. Израелската војска ги предупреди цивилите да не се враќаат во своите домови во јужен Либан и да се држат настрана од израелските позиции. Либанските медиуми објавија дека бил отворен оган додека повратниците ги игнорирале наредбите и брзале да се вратат во областите каде што сè уште биле присутни израелските трупи.
„Нашите семејства имаат право да се вратат дома и да живеат во мир. Ќе ја следиме нивната ситуација и ќе работиме со пријателските заедници за обнова и враќање во нивните региони“, изјави Наџиб Микати, привремен премиер на Либан.
Премиерот Нетанјаху кој се соочува со налог за апсење од Меѓународниот кривичен суд верува оти притисокот врз Хамас за ослободување на заложниците ќе биде уште поголем откако ќе ја немаат поддршката од Хезболах.
„Од перспектива на Израел, ние сигурно ќе се придржуваме до договорот, како што премиерот многу јасно кажа, должината на прекинот на огнот зависи од тоа што ќе се случи во Либан. Силно ќе одговориме на секое прекршување“, изјави Давид Менсер, портпарол на израелската влада.
Според Иран, договорот бил прифатен затоа што Израел се соочува со силен отпор од Хезболах и претрпува големи загуби во јужен Либан. САД и Франција-главните посредници на договорот, тврдат дека тој е добра основа за спроведување на примирјето и со Хамас. Меѓународната заедница бара примирје и во Газа.
„Прекинот на огнот во Либан е одамна задоцнет, но покажува дека дипломатијата може да успее дури и во најтешките околности“, изјави Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.
„Ги поддржуваме сите напори кои придонесуваат за намалување на тензиите и постигнување мир. Сите страни треба да работат заедно за да промовираат сеопфатен и траен прекин на огнот во Газа што е можно поскоро“, изјави Мао Нинг, портпарол на МНР на Кина.
Хамас го поздрави прекинот на огнот и изрази подготвеност за примирје во Газа, обвинувајќи го Израел за попречување на договорот.
Маријана Димовска
