Тешко до наука без пари
Млади научници и експерти ја засилуваат позицијата на Македонија на глобалната научна мапа. Ја истражуваат радијационата физика – создаваат можности за научни откритија кои ќе придонесат за напредокот на современата технологија и заштитата на здравјето на луѓето.

Имаат заштитна облека, но и тоа не е доволно за да ги спречи јонизирачките зраци да допрат до нивното тело. Луѓето што работат на рендген, носат апарат што ја мери изложеноста од зрачење, а потоа тој се проверува во лабораторијата за радијациска физика.
„Дозиметријата кај професионално изложените лица се прави со професионален дозиметар кој се носи на левата страна од торзото во висина на градите, се носи цел месец и се утврдува месечната апсорбирана доза на професионално изложените лица“, изјави асс. м-р Александар Крлески- лабораторија за радијациона физика.
Резултатот на здравствен работник што работи со радиотерапија, покажува висока изложеност на јонизирачко зрачење.
„Ние добивме висок резултат, но работиме со калибрациони дозиметри, односно дозиметри кои се прецизно озрачени кои служат за калибрација на системот доколку ваков резултат добиеме со реален дозиметар тогаш треба да се спроведе истрага за вработеното лице“, изјави асс. м-р Александар Крлески- лабораторија за радијациона физика.
Во лабораторијата може да се измери јонизирачко зрачење и на коски, обично се користи кога има одреден пропуст при радиотерапијата. Засега не испитувале примероци.
„Сме испитувале коски од храна сме правеле експериментални резултати како изгледа одговорот на озрачена односно неозрачена биолошки примерок имаме искуство во тој дел и можеме да одговориме на барање за ретроспективна дозиметрија доколку има таков инцидент“, изјави асс. м-р Александар Крлески- лабораторија за радијациона физика.
Тука се испитува и храна со јонизирачко зрачење, кое се користи за стерилизација, продолжување на рокот на употреба и уништување на патогени микроорганизми. И доколку се користи контролирано, јонизирачкото зрачење ги менува материјалите на подобро.
„Енергијата која се користи при третманот со јонизирачко зрачење не е доволно за да индуцира радиоактивност во храната. Освен тоа се работи за скапа постапка, воопшто не е исплатливо да се зрачи храната повеќе од тоа што е потребно за да се постигнат посакуваните ефекти“, изјави доц. д-р Ивана Фабијаниќ-Сандева – лабораторија за радијациона физика.
Доктор Сандева, со нас испитуваше примерок од оригано, резултатот беше негативен.
Ова е единствената лабораторија за радијациска физика во земјава и една од малкуте акредитирани во Европа за овие методи. Преку донации за опрема и обуки, инвестирани се милион евра. Поседува апаратура и истражувачки капацитети, кои нема само што ја унапредат експертизата на земјата, туку ќе ја засилат и позицијата на Македонија на глобалната научна мапа.
Андријана Ѓурческа
